Немате време?
Дали често имате чувство дека работите напорно цел ден, а сепак ништо не завршувате? Не грижете сѐ, само следете ги нашите три совети за управување на времето и ќе ја завршите вашата листа со обврски за кратко време.
Мултитаскингот е мит – избегнувајте го!
Според истражувањата, луѓето кои умеат да прават неколку работи одеднаш, се многу малку. Научникот Дејвид Стрејер од универзитетот во Јута спроведе истражување според кое само два проценти од нас се способни за мултитаскинг. Психологот Едвард М. Халоуел оди уште подалеку, нарекувајќи го мултитаскингот „митска активност“. Мозокот не може целосно да се фокусира кога се справуваме со неколку работи истовремено, нѝ треба многу повеќе време за да ги завршиме отколку ако ги правиме една по друга, а и веројатноста да направиме грешка некаде е далеку поголема. Па зошто да губиме драгоцено време на такви залудни обиди за балансирање? Подобро е да си направиме список и да се справиме со секоја задача поединечно.
Поставете приоритети, не одложувајте
Во 1941 год. менаџмент консултантот и писател, д-р Џозеф Јуран развил закон за управување на времето, што го нарекол „неколку важни и многуте неважни“. Според неговата теорија, треба да дадеме приоритет на 20% од нашите задачи, бидејќи нивното завршување одзема 80% од нашето време, а останатите 80% помалку важни работи бараат само 20% од времето. Идентификувањето на важните задачи, особено ако го комбинирате вашиот Форевер бизнис со целодневна работа, е клучно за да извлечете максимум од секој ден. Тоа значи дека треба да сте дисциплинирани и прво да го завршувате најитното, дури и да не е најинтересно и пријатно за вас. Затоа, не го одложувајте пополнувањето на даночната декларација за да ги смените боите на вашиот вебсајт.
Одморот не е губење време
Невозможно е да сте максимално продуктивни, ако сте преморени и преоптоварени. Тони Шварц, главен извршен директор и основач на Проектот „Енергија“ (The Energy Project), кој им помага на компаниите да постигнат одржливи високи резултати, вели дека човечкиот мозок може да се фокусира околу 90-120 минути без прекин, по што квалитетот на работата започнува да се влошува. Му треба пауза од 20 минути за да ја врати енергијата и концентрацијата. „Важноста на закрепнувањето е вкоренета во нашата психологија – напиша Шварц во колумна за „Њујорк Тајмс“. – Човечките суштества не се создадени постојано да си ја исцрпуваат енергијата. Повеќе сме создадени да пулсираме меѓу исцрпеност и регенерација на силите.“ Може да сте во оптимална форма само ако имате време за одмор и регенерација, затоа редовните паузи се апсолутно задолжителни за одржување на добри нивоа на продуктивност преку денот.